Што би значело онлајн тестирање?

Почитувани студенти и родители, со овој напис сакаме да го објасниме процесот на онлајн тестирање кој би сакале да го воведеме.

Ние како универзитет знаеме дека со прекинот на наставата, многу студенти се оставени во ситуација на академска неизвесност. Ние како универзитет имаме обврска кон студентите да им понудиме можност за полагање на колоквиумите и испитите, и затоа сакаме да понудиме решение за онлајн полагање, доколку се создадат услови за тоа.

Дури и ако некои од студентите не можат да го направат тестирањето онлајн ние ќе имаме разбирање и ќе понудиме нов термин, откако ќе заврши ситуацијата со корона вирусот. Но, ние не знаеме кога тоа ќе се случи, и затоа сметаме дека веројатно подобрата опција би била испитите и колоквиумите да се полагаат онлајн.

Како најважно, потенцираме дека онлајн тестирањето НЕ ЗНАЧИ дека тестот ќе биде полесен или потежок од класичниот тест. Значи дека ќе биде поразличен. Исто така, НЕ ЗНАЧИ дека ќе ве оценува платформата. Професорот ќе го прегледува и оценува секој тест поединечно. 



Што би значело онлајн тестирање?


Бидејќи постојат многу предрасуди за онлајн тестирањата, ние би сакале да го демистифицираме целиот процес, со цел студентите да го разберат, а подоцна да можат да одлучат дали би сакале да се тестираат онлајн или не. Според направените анкети, повеќе од половина од нашите студенти би сакале да се тестираат онлајн.

По неколку спроведени интервјуа, заклучивме дека сите различно го сфаќаат и доживуваат терминот „онлајн тестирање“.  Ние би сакале да ве охрабриме и да ве информираме дека онлајн тестирањето не е ништо ново, тоа со децении постои и успешно се спроведува на светските универзитети. Сепак, на нашите простори е ново, бидејќи досега не беше законски регулирано. Но, сега препораките се универзитетите да продолжат со сите активности онлајн, вклучувајќи и тестирање.

За да го објасниме процесот на онлајн тестирање на МСУ, би сакале прво би сакале да Ви посочиме неколку клучни работи:

  • онлајн тестирањето НЕМА да биде спроведено со решавање на електронски тестови и со заокружување на точни/неточни одговори. Прашањата би се одговарале во форма на есеј.
  • онлајн тестирањето НЕ ЗНАЧИ дека ќе Ве оценува платформата. Професорот ќе го прегледува и оценува секој тест поединечно.
  • онлајн тестирањето НЕ ЗНАЧИ препишување од интернет или од достапната литература. Тестирањето ќе биде спроведено преку open-book тестови, чии одговори не можат едноставно да се препишат од некаде. Бидејќи тестовите ќе траат по 90 минути, студентите што се немаат подготвено претходно нема да имаат време да „листаат низ литературата“. Сите прашања ќе бидат така формулирани, да бараат длабоко познавање на материјата и нејзина имплементација.
  • онлајн тестирањето НЕ ЗНАЧИ дека некој друг може да полага наместо студентот. На онлајн платформата ќе бидат вклучени сите студенти со конференциска врска и камери. Камерата ги забележува движењата на студентите постојано и невозможно е да има лажно претставување. 
  • онлајн тестирањето НЕ ЗНАЧИ дека тестот ќе биде полесен или потежок од класичниот тест. Значи дека ќе биде различен.
  • онлајн тестирањето НЕ ЗНАЧИ дека ќе ви биде потребен дополнителен софтвер. Одговорите ќе можете да ги пишувате преку платформата која ќе ви ја испратиме или во Microsoft Office Word или сличен софтвер.

Всушност, само начинот на внесување на информациите е онлајн. Самото оценување и вреднување на знаењето на студентот останува исто како и кај класичното тестирање. Ние во моментов правиме континуирани тестови на повеќе платформи и комбинација од платформи со цел да се овозможат идеални услови за спроведување на тестирањето.


Што е open-book тест?


Следејќи ги светските трендови, онлајн тестирањето би било спроведено преку open-book тестови, преку онлајн платформа. Според информациите што ги следиме и британските универзитети (Кембриџ, Оксфорд) ќе ја спроведат оваа опција: open-book тестови на онлајн платформи, а се очекува и многу други да го следат овој пример.

Јасно е дека онлајн тестирањето не им овозможува на професорите да имаат контрола над студентите додека се спроведува тестот. За таа цел, тестовите кои би се користеле за испитите, би биле open-book, односно, за нивно решавање студентите би можеле да ја користат литературата што им е на располагање, како и нивните сопствени белешки.

Ова значи дека тестовите би се состоеле од неколку прашања кои би требало да се одговараат во форма на кратки есеи, со аргументирање на нивните одговори.

Всушност, на повеќето испити и колоквиуми професорите имаат вклучувано вакви прашања.

Истражувањата покажуваат дека оpen-book тестовите бараат владеење на материјалот на повисоко ниво, а исто така во овој начин на тестирање се подобруваат и способностите за решавање на проблеми кај студентите, се зголемува креативноста и се бара длабоко познавање на материјата, како спротивно на вообичаеното паметење на информации и факти.  Тестовите по сите предмети ќе бидат соодветно прилагодени и трансформирани во open-book тестови.


Како би било спроведено тестирањето?


Начинот на спроведување се состои од следниве фази:

  • ФАЗА 1. За спроведување на тестот по определен предмет ќе биде закажан датум и точно време кога студентите треба да бидат онлајн.
  • ФАЗА 2. Студентите ќе се известат за времето на одржување на тестот и ќе се регистрираат со пополнување онлајн форма.
  • ФАЗА 3. Тестот се праќа на студентите во точно определеното време од страна на професорите (со асистенција на администраторите на предавањата). Студентите имаат обврска да го вратат пополнет во определен рок, соодветно на тоа колку време е потребно за решавање на тестот (на пример, 90 минути) со толеранција на доцнење во рок од 5 минути.
  • ФАЗА 4. Професорот го добива тестот.
  • ФАЗА 5. Тестот се оценува и студентите добиваат повратен одговор за бројот на освоени поени и соодветно на тоа, за висината на добиената оцена.

Пример – прашања


Прашањата на тестот би биле формулирани на следниов начин:

  • „Со која постапка дојдовте до конкретниот заклучок?“
  • „Според дадените информации, која претпоставка би можела да се земе за точна?“
  • „Што, според Вас, е главниот проблем во дадената ситуација?“
  • „Што влијае на Вашето мислење?“
  • „Какво е влијанието на опишаните појави?“
  • „Опишете определена појава…“
  • „Објаснете како…“
  • „Кои примери можете да ги наведете што се соодветни за опишаната појава?“
  • „Што е важно во оваа ситуација?“
  • „Кој е најдобриот метод за разрешување на ситуацијата?“
  • „На кој начин X се разликува од Y?“

Доколку ги разгледавте примерите, сигурно можевте да забележите дека вакви прашања сте имале на повеќето тестови досега. Онлајн тестирањето всушност ќе го промени начинот на кој ги пополнувате тестовите. Се друго останува исто.