Почитувани студенти,
ве известуваме дека Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ годинава ги продолжува предавањата онлајн. Наш приоритет се здравјето и безбедноста на нашите студенти. По високиот процент на реализирани онлајн предавања, одлучивме дека онлајн предавањата во моментов се најдобар избор за нашите студенти.
Прва година
Првиот академски час за студентите од прва година ќе се одржи онлајн на 1 октомври со почеток од 12:00 часот. Линкот за настанот ќе биде испратен од страна на менторите до сите студенти запишани во прва година.
Настанот ќе биде одлична прилика да се запознаете со ректорката на универзитетот, деканите, менторите и професорите кои ќе ви предаваат.
На првиот академски час со вас ќе ги споделиме сите информации во врска со студирањето, Е-учење, Е-индекс, запишувањето на семестар, пријавување на испити и сл.
Линкот ќе ви биде доставен во порака на телефонските броеви кои ги имате оставено при упис најдоцна еден ден пред почетокот на настанот.
Втора, трета и четврта година
Ние сме подготвени да одговориме на сите ваши прашања за да ви помогнеме полесно да ја започнете новата академска година.
За таа цел ќе направиме воведни консултации за новата академска година. Воведните консултации за сите студенти од втора до четврта година ќе се одржат онлајн на 16 септември (четврток) со почеток од 12:00 часот.
На секој факултет ќе се одржуваат посебни консултации. Менторите ќе ги испратат линковите до сите студенти од втора до четврта година.
Предавања и испити
Нашиот уникатен систем кој е воведен за предавањата вклучува 12 администратори како посредници помеѓу студентите и професорите. Администраторите се грижат за распоредот и организацијата на онлајн предавањата. Заеднички, тие соработуваат со менторите за навремено известување на сите студенти.
Ние како универзитет досега ја користевме и ќе продолжиме да ја користиме платформата Zoom која ги нуди потребните алатки за успешно спроведување на предавањата и испитите.
Е-учење
Нашата платформа за Е-учење која постоеше од претходно содржи голем процент од електронските материјали кои им се потребни на студентите. Во моментов на Е-учење се достапни учебници, скрипти и презентации. Нашиот тим редовно ја надополнува платформата за Е-учење со нови модули и од октомври платформата ќе биде збогатена со материјали за новата академска година.
Книжарница и печатница
Нашата книжарница и печатница ви беше и се уште е на располагање во секое време. По почетокот на академската година на први октомври, откако ќе бидат објавени материјалите кои ќе се користат за предметите, истите ќе може да ги нарачувате телефонски (032 610 603), на електронска адреса (info@mcsp.mk) или преку нивната Фејсбук страница или веб страница.