Технички услови


Фонт Times New Roman
Големина на фонт 12 pts
Проред 1.5
Број на страници Минимум 40 страници основен текст

Овде можете да го преземете образецот за дипломска работа.


Структура на дипломската работа


Структурни компоненти на дипломската работа:

  1. Насловна (надворешна) страница (корица)
  2. Внатрешна (насловна) страница
  3. Кратко резиме со клучни зборови;
  4. Содржина;
  5. Листа на слики;
  6. Листа на табели;
  7. Листа на прилози;
  8. Користени кратенки;
  9. Вовед;
  10. Основен (главен) текст;
  11. Заклучок;
  12. Користена литература;
  13. Прилози;
  14. Изјава за оригиналност.

Подготвителна фаза


Студентот – кандидат за одбрана на дипломска работа поднесува пријава за одобрување за изработка на дипломска работа до Деканот на факултетот на кои е запишан дипломантот, преку Службата за студентски прашања. Во пријавата студентот предлага наставен предмет од кој ќе се изработи дипломската работа, потесната област и ментор на дипломската работа.

Менторот ја дефинира темата на соодветен образец во кој се содржани следните податоци:

  • Име и презиме на кандидатот;
  • Број на индекс на студентот;
  • Наслов на темата за изработка на дипломска работа;
  • Кратка содржина (основни тези);
  • Датум на издавање;
  • Предлог на Комисија за оценка и одбрана.

Врз основа на поднесената документација, Деканот ја одобрува изработката на дипломската работа на кандидатот и определува Комисија за оценка и одбрана. Студентот е должен дипломската работа да ја заврши и предаде во рок од 5 месеци по положувањето на сите испити. На предлог на менторот на дипломската работа Деканот може да одобри продолжување на изработката на дипломската работа за уште еден месец. Дипломската работа треба да биде напишана на македонски литературен јазик со кирилично писмо. Студентот за изработената (напишаната) дипломска работа потпишува и изјава за оригиналност.


Доставување на материјалите


Студентот (кандидатот) после одобрување на дипломската работа од страна на комисијата го предава дипломската работа во печатена форма во Студентската служба, во 4 (четири) примероци вкоричени во тврди корици (по еден примерок за членовите на комисијата и еден за персоналното досие на студентот).

Копија на дипломската работа се приложува и во електронска форма (ЦД) на службата за студентски работи заедно со отпечатената дипломска работа.


Автореферат


Студентот задолжително изработува (пишува) и автореферат на дипломската работа. Текстот на авторефератот се испраќа до службата задолжена за ваквите работи на следниот е-маил: avtoreferati@msu.edu.mk.

Автореферат претставува краток преглед на напишаната дипломската работа. Задолжителни елементи на авторефератот се:

  1. Насловна страница;
  2. Содржина;
  3. Вовед,
  4. Главен текст (во главниот текст се претставуваат во кратки црти главите и подглавите на дипломската работа)
  5. Заклучок и
  6. Користената литература.

Авторефератот се пишува во обем од 10 до 15 страни во формат А4, со фонт Times New Roman со македонска јазична подршка, со (големина) 12 pts. и проред 1,5.

Овде можете да го преземете образецот за авторефератот


Содржина


Содржината на секоја студентска академска пишувана работа е задолжителен дел. Се пишува на почетокот на делото, но пред воведот. Таа претставува огледало, информатор и патоказ на структурата на пишуваната работа.

Елементи на содржината на работата се:

  • Главните наслови и поднасловите;
  • Нумерирањето на насловите и поднасловите (да се обележуваат на ист начин како во самиот текст;
  • Броевите на страниците на кои се наоѓаат деловите.

При пишувањето на студентските академски работи потребно е да се состојат од најмалку три до највеќе пет глави.

Содржината се пишува на оделен лист на средина (центрирано). Се пишува со големи здебелени букви во фонт Times New Roman, pts.14.

Страницата или листот каде се пишува Содржина не се нумерира.


Вовед


Воведот е задолжителен дел при пишувањето на студентските академски работи. Воведот е потребно да биде напишен на краток, јасен, информативен и прецизен начин. Големината на текстот во воведот треба да биде во сразмерност со пишуваната работа.

Во пишувањето на воведот потребно е да бидат истакнати следните работи:

  • дефинирање на проблемот и предметот на истражувањето;
  • определување на основната цел на истражување;
  • воведување во темата на истражување
  • оценување на досегашното истражување;
  • опис на содржината на трудот,
  • наведување на литературата (основните извори на информација);
  • укажување на теоретското или практичното значење на изборот на темата.

Зборот Вовед се пишува со големи здебелени (Bold) букви на средината на страницата. Нумерирањето на страниците со почетниот број 1 започнува од Вовед.


Главен дел


Главен дел (разработка на темата) се однесува на разработување на избраната тема од теоретски и практичен аспект. Овој дел е најважен и најобемен дел од работата (70-80% од работата). Во него треба да се опфати сето она што е искажано во воведот. Темата што се обработува во дипломската работа потребно е во овој дел да биде распоредена во три основни дела од кој секој може да има повеќе подделови:

  1. Историско-теоретски дел, ретроспективен или експликативен дел.

Во овј дел се изложува историјатот на настанување на определениот проблем, упатува на досегашното истражување и се наведуваат постојните теориски познанија на проблемот

  1. Методолошки пристап на истражувањето

Се наведуваат користените методи, примерок и инструменти, како и истражувачките прашања и хипотезите.

  1. Аналитичко-експериментален дел.

Во овој дел се изложуваат фактите, информациите, идеите до кои авторот дошол врз основа на сопственото истражување или врз анализата на туѓи истражувања, а со цел подкрепа на поставената хипотеза.

  1. Перспективен дел

Во третиот дел се предлагаат сопствените конкретни решенија на проблемот или се настојува да се предвиди како во иднина ќе се развива ситуацијата во поглед на изложениот проблем. Овој дел како главен е најголем по обем, и поради тоа потребно е да се спазуват определени принципи во пишувањето:

  • краткост и јасност,
  • складност и единство на деловите,
  • адекватно истакнување,
  • правилно размислување,
  • наведување на примери,
  • стилот на пишување и спазување на граматичките правила.

При пишување на главниот дел од текстот, потребно е да биде расчленен на глави, подглави оддели и дидактички целини (параграф). Сите наведени делови треба да бидат правилно распоредени и сигнирани, поврзани меѓусебно и адекватно димензионирани.

Кај сите досега наведени студентски академски пишувани работи потребно е да се почитува Европскиот состав на пишување на параграфи во текстот. Секој нов параграф започнува со голема буква, и се вовлекува до три буквени места од почетокот на страницата. Помеѓу параграфите не треба да има растојание. Растојанието помеѓу редовите во текстот треба да е воедначено. Растојанието помеѓу редовите потребно е да изнесува 1,5.

Во распоредот на темата во текот на нејзиното расчленување на глави, подглави, подпоглавја потребно е да се користи обележување со арапски броеви и комбинација од римски и арапски броеви.


Заклучок


Заклучокот е интегрален дел на студентските академски работи и представува синтеза, суштината и резиме на веќе кажаното, обработено. Заклучокот на прецизен и систематски начин ги прикажува основните информации за содржината. Големината на текстот на заклучокот е потребно да биде во сооднос со воведот.


Литература


Во пописот на литература се пишуваат само цитираните или парафразираните извори на информација. Се пишува на крајот од пишуваната работа. Потребно е да се користи АПА стилот на пишување на литературата. Авторите се подредуваат по азбучен ред без да се прави поделба помеѓу книги, електронски извори, статии и др.